Понеделник, 29 Јуни 2009 09:46
Како микроблогерството ја менува перцепцијата за информацијата и го редефинира новинарството.
На компјутер или на мобилен, експанзијата на Фејсбук и Твитер...
доаѓа во форма на микропораки. Тука посебно напредува Твитер, минатата година овој „social network“ базиран на ограничен број на карактери (140) имаше милион корисници, годинава таа бројка порасна на 17 милиони.
Нормално, нема ништо подосадно од безбројните постови и пораки кои ни кажуваат во живо што прават другите, што купуваат во продавница, кога излегуваат од работа и слично. Истото важи и кога одвреме навреме некоја филмска ѕвезда или позната личност ќе ни соопшти што прави со своето драгоцено време.
Но кога авионот на Ербас ќе се изгуби над Атлантикот или кога има земјотрес во Лос Анџелес, веста пристига на Твитер многу побрзо отколку на CNN или пак на Associated Press. Причина повеќе зошто за денешните новинари станува императив да се биде дел од мрежата и така да се излезе во пресрет на технолошката револуција која го менува ликот на информацијата.
Најсвеж пример се протестите во Иран. Странските репортери се блиндирани или веќе избркани од земјата на ајатоласите, Твитер во тој момент се претвара во моќно оружје на протест, на информација, додека илјадници млади пренесуваат кратки пораки или слики кои сведочат за репресијата.
Твитер едноставно не е подложен на цензура, додека режимот е во состојба да ги контролира телевизиските и останатите електронски медиуми, микроблогерството продолжува, затоа што за да функционира не е потребна e-mail адреса.
Без тоа, светот немаше да ги види потресителните снимки од последните моменти на Неда, младата Иранка убиена од милициите на режимот, чија смрт беше испратена на милиони мобилни низ целиот свет, претворајќи се на тој начин во симбол на револуцијата.
За информацијата ова е вистинска промена, поимот новинар треба одново да се измисли. Да се биде новинар во ерата на оваа технологија значи да се доминира токму со таквата технологија, да се знае како да се надминат бариерите на цензурата, но и да се реши новиот проблем, односно , веродостојноста на информациите.
Тоа е можеби најголемата енигма, како во ерата на демократско новинарство, каде секој граѓанин се претвара во потенцијален новинар или информатор, вредноста или точноста на одредена информација брзо да се провери.
Вистинскиот новинар се повеќе ќе зависи од посебни софтверски филтри или хардверски антени, од самата технологијата за да може воопшто да работи. Но во трката за технологија натпреварувачите се повеќемина.
Одредени држави како Кина и Иран инвестираат масовни средства во трката за контрола на информацијата. Кина конкретно , побара секој нов произведен компјутер да има вградено хардверски филтер, електронски полицаец или попознат како антипорно филтер.
Но далеку од спречување порнографија, ваквиот филтер е наменет строго за контролирање на сите информации кои имаат некаква политичка релевантност. Истото се случува во Иран. Иронијата е дека ваквата технологија ја обезбедуваат европски компании како Siеmens и Nokia.
Светот на медиумите не знае како да излезе на крај со ваквата трансформација на информацијата.
Додека уредниците си ги удираат главите затоа што вестите се претвораат во стока, која нема економски осцилации или воопшто нема повеќе економска вредност, новинарите се преоптеретени со тоа како да влезат во сржта на новата технологија, како да ги употребуваат новите извори, како да станат дел од новиот свет на медиуми.
Можеби мала помош наскоро ќе пристигне токму од Твитер, кој работи на создавање на „алгоритам на кредибилитетот“, односно програм кој графички би покажувал колку одредена информација е веродостојна или не.
До тогаш, останува да учиме и да се потпираме на она што се нарекува новинарско чувство или сенс, интуиција или едноставно искуство.